Разговараме на темата се*с после пороѓај заедно со Теодора Алексијоска Блажеска.
Теодора Алексијоска Блажеска е дипломиран психолог со завршена едукација по клиничка невропсихологија, невропсихолошка дијагностика и невропсихолошка рехабилитација. Во моментов е магистрант на студии по клиничка и советодавна психологија. Има професионално искуство во ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид, каде активно работи со пациенти на кардиоваскуларна рехабилитација и постоперативни когнитивни нарушувања. Нејзините интереси се насочени кон менталното здравје, невропсихолошка дијагностика, когнитивна рехабилитација и психолошка поддршка на индивидуи во различни фази од животниот циклус.
-
Дали е нормално да немам желба за секс со месеци по породувањето?
Породувањето, односно влегувањето во улогата на Мајка, носи со себе огромни промени – новитети, предизвици, сменета дневна динамика, а покрај сè, и целосен хормонски пресврт, но и психолошки промени. Доењето, особено во првите неколку недели и месеци, уште повеќе прави дисбаланс на хормонскиот систем.
Самиот нов ритам, особено недостатокот од сон, предизвикува дополнителен замор. Тоа пак активира стрес хормони, што на крај влијае и на намалена (или целосно изгубена) желба за секс.
Оваа состојба може да трае со месеци – додека телото повторно не се доведе во рамнотежа и додека не се воспостави некаква рутина со бебето. Но важно е да се знае: намалената сексуална желба во овој период е нормална и очекувана.
-
Како да му објаснам на партнерот дека сè уште не сум „спремна“ – без тој да се почувствува одбиено?
Ова е многу важно прашање, бидејќи интимноста по породувањето е чувствителна тема за двајцата партнери. Она што навистина прави разлика е колку сте отворени еден со друг.
Најдобро е да имате искрен разговор, отворен, без притисок и обвинување. Почни со тоа како се чувствуваш, раскажи му што ти се случува во телото, како ти влијае уморот, промените, недостатокот на сон и дека сè уште се обидуваш да се снајдеш во новата реалност.
Важно е да му објасниш дека тоа што моментално не си спремна за секс не е негова вина, не е до љубовта или привлечноста туку едноставно ти треба малку време да се стабилизираш психички, хормонски и физички за да можеш целосно да уживаш во тој момент со него.
И на крај не заборавај да му се заблагодариш и да му кажеш дека ја цениш неговата поддршка која ти значи многу во процесот на враќање на самата себе.
-
Кога недостигот на желба е „нормален“, а кога треба да побарам стручна помош?
Недостигот на желба за секс како што кажав и предходно е вообичаено да не се јави првите неколку месеци по породувањето. Важно е интимноста и блискоста да се присутни и на други начини преку желба за прегратки, допири, зборување.
Природно е желбата за секс да се враќа постепено, паралелно со тоа како се враќате и вие во некаков ритам со самите себе и со бебето.
Но, ако и после 6 месеци таа желба воопшто не се вратила, а вие почнувате да се чувствувате загрижено, важно е да побарате стручна психолошка поддршка и помош. Особено ако чувствувате вина, страв, анксиозност или непријатност поврзани со интимноста.
Исто така, добро е да се консултирате со стручно лице ако забележите промени во сликата за себе и своето тело, намалена самодоверба, чести промени во расположението, чувство како да сте „емоционално исклучени“, без енергија или интерес за работи во кои порано сте уживале, не само за секс, туку и за други активности.
-
Што да правам кога сакам блискост – но не физичка? Дали интимноста секогаш значи секс? Како да градиме други форми на поврзаност?
Интимноста не значи само секс. Понекогаш, еден искрен разговор може да биде многу подлабока и поважна форма на блискост. Разговорот зближува, носи разбирање, а често баш преку него се враќа и чувството на поврзаност кое ни недостасува.И повторно тука доаѓаме до разговор. Разговор во кој ќе му објасниш дека ти треба поддршка, не преку зборови, туку преку блискост, нежност, допир, гушкање, држење за рака, заеднички мали активности.
И многу важно – да си одвоите време само за вас двајца.
Тоа време е значајно затоа што повторно ќе бидете „вие“ – ќе се потсетите како било кога сте биле само ти и тој. Во тие моменти, важно е да разговарате за вас, за тоа што сега ви носи среќа, што ве прави мирни, што сте постигнале заедно, разговарајте за вашата иднина.
Но не заборавајте дека понекогаш доволно е само да седите еден до друг и да молчите. Без притисок. Само да бидете блиску.
-
Како да се избориме со чувството на вина – кон партнерот, но и кон себе?
Кога станува збор за вината што ја чувствуваме, особено онаа кон самите себе, важно е редовно да се потсеќаме дека телото во овој период минува низ фаза на оздравување, но и низ фаза на промени и дисбаланс, како што спомнав и претходно.
Сето тоа влијае на намалување на желбата за секс и тоа е сосема во ред.
Пробај да го намалиш притисокот кој често самата си го создаваш – дека мора сè да се врати во „нормала“. Дај си време.
На крајот од денот, не заборавај и потсети се дека: ти веќе ја исполни најважната улога, цел ден си била мајка, а тоа не е воопшто мала работа.
Во однос на вината што ја чувствуваме кон партнерот, важно е да се потсетиме на истите техники што ги споменав за справување со вината кон самите себе, затоа што токму тие можат значително да ја намалат и вината што ја носиме во односот со него.
Разговарајте отворено. Кажете му дека се чувствувате виновно, дека ви треба разбирање, поддршка и простор за повторно да си се вратите на себе и на вашата „нормала“.
Со ваква искреност, вината ќе се намали, а чувството на блискост и сигурност меѓу вас ќе порасне.
Доколку чувството на вина ве обзема, трае долго, ве прави анксиозни, несигурни или сте под константен стрес, задолжително консултирајте се со стручно лице психолог/ психотерапевт.
-
Дали е можно сексуалниот живот да стане подобар по породувањето, и како?
Да, можно е, и тоа најчесто се случува поради зголемена блискост, посилна емоционална поврзаност и подобра комуникација меѓу партнерите.
Според истражување спроведено во 2013 година, во кое учествувале над 1500 жени по породување, околу 20% од нив пријавиле подобрување на сексуалната интимност со партнерот 6 до 12 месеци по породувањето. Особено позитивно се издвоиле жените кои имале силна емоционална поддршка и отворена комуникација. Тие пријавиле и поголемо задоволство од сексот отколку пред бременоста.
Со други зборови – колку повеќе блискост, разговори, разбирање и поддршка, толку поголема е емоционалната поврзаност и сигурност. А кога тие се присутни, сексуалниот живот не само што се враќа туку станува и поубав.
-
Како да препознаеме кога „емоционалната дистанца“ станува проблем за врската?
Емоционалната дистанца може навистина да влијае и на партнерската врска, но и на секој од партнерите поединечно.
Особено кога се појавуваат нови улоги, како родителството, таа дистанца лесно може да се помеша со замор, гужва и недостиг на време за вас двајцата. Но, можеме да препознаеме дека станува збор за проблем кога:
– почнуваме да се чувствуваме несакано или неразбрано
– се намалуваат длабоките разговори
– исчезнува блискоста, допирот, поддршката – и физичка и емотивна
– сè помалку чувствуваме емпатија од или кон партнерот
Најголем знак е чувството на осаменост – кога си со партнерот, а сепак се чувствуваш како сама. Тоа знае сериозно да влијае не само на врската, туку и на секој од вас поединечно.
-
Совет: Како да почнеме еден ваков разговор дома – без да заврши со расправија?
Најважниот совет што би го дала е да започнете разговор кога и двајцата не сте под стрес, напнати или нервозни.
Зборувајте за вашите чувства – не со напаѓање, туку со отвореност и љубов. Дајте си простор еден на друг да се искажете, без прекинување и без обвинување.
И за крај, не заборавајте дека наспроти вас не стои некој што ви е противник или непријател, туку вашиот партнер.
А доколку оваа состојба продолжи и ви создава товар, не двоумете се да побарате поддршка од стручно лице или да размислите за партнерска психотерапија, која може да биде прекрасен начин повторно да се слушнете, разберете и зближите.
-
Што ако наместо нас, партнерот има намалена желба за секс? Како да му пристапиме без да се почувствуваме одбиено или загрижено?
Малку се зборува, а е навистина значајно дека и татковците поминуваат низ промени, од самиот почеток на забременувањето, а особено по породувањето на жената. Не само поради новите задачи и новото секојдневие, туку и нивните хормони се менуваат.
Истражување од 2011 година покажало дека тестостеронот им се намалува и до 34%, особено кај тие што поминуваат повеќе од 3 часа дневно со бебето, а тоа значи помал тестостерон = помала желба за секс.
Па ако чувствувате оддалеченост, не значи веднаш дека нешто не е во ред со врската, можеби и тој се бори со своите промени.
Разговарајте. Искажете ги вашите потреби, кажете дека ви е потребна интимност, но и разберете доколку партнерот побара време за да се врати неговата желба, тоа не е до вашата љубов туку до неговата хормонална промена.
Доколку немате други причини кои би ве загрижиле (недостиг на комуникација, немање емпатија, намалување на подлабоките разговори, немање физички допир, поддршка), тогаш опуштете се и дајте си време за и двајцата да се вратите во својот ритам.


