Четкањето забите од најмала возраст е од суштинско значење за здравјето на забите и усната празнина на детето. Млечните заби имаат важна улога во правилното џвакање, говорење, и во одржување на простор за трајните заби што ќе растат подоцна. Ако не се одржуваат чисти, млечните заби може да се создаде кариес, што може да доведе до болка, инфекции, и можност за губење на забите пред време. Ова пак, може да влијае на развојот на трајните заби, предизвикувајќи неправилен раст, кој може да бара ортодонтска интервенција.
Покрај физичкото здравје, четкањето заби помага и во создавањето на позитивни навики за целокупната хигиена и здравје. Кога децата учат да ги мијат забите редовно, тие ја развиваат свеста за одговорноста кон своето здравје, што може да влијае позитивно на нивниот однос кон други здрави навики како миење раце, редовно туширање и здрава исхрана.
Како да ги запознаете децата со четкање на забите?
- Почнете од најрана возраст: Започнете со чистење на непцата на вашето бебе со мека, влажна газа уште пред да му излезат забите. Уште пред да се појави првиот заб, дадете му ја четката на вашето малечко да ја истражи. Кога ќе се појави првиот заб, преминете на мека четка за бебиња. Важно е децата да се навикнат на четката и чувството на миење од најрана возраст.
- Бидете пример: Децата учат преку имитирање на однесувањето на возрасните. Мијте ги вашите заби заедно со детето за да му покажете како се прави тоа правилно. Ова не само што ќе ги научи на правилната техника, туку и ќе ги мотивира да ги мијат забите затоа што ќе го видат тоа како нешто што нивните родители го прават секој ден.
- Игра и забавни активности: Четкањето забиможе да биде забавно ако го направите како дел од секојдневните игри. Пејте песнички, раскажувајте приказни зошто е важно да се мијат забите, или дури можете да измислите супер херој кој се бори против „лошите бактерии“ со својата „супер четка за заби.“
Какви четки и пасти за заби да користите?
- Секогаш бирајте четка со меки влакна се со цел да се избегне иритација на непцето (и редовно менувајте ја четката на три месеци)
- Пасти за бебиња и мали деца: Најдобро е на почетокот да започнете без паста за заби или паста без флуорид, а понатаму може користите паста за заби со ниска концентрација на флуорид. Нанесете многу мала количина паста, околу големина на зрно ориз, бидејќи малите деца често ја голтаат пастата. Флуоридот е важен за зајакнување на забната глеѓ, но премногу флуорид може да предизвика проблеми, особено ако детето ја голта пастата.
- Пасти за постари деца: Откако детето ќе научи да плука, обично околу тригодишна возраст, можете да преминете на паста со поголема концентрација на флуорид. Понатаму, продолжете со употреба на мала количина паста (големина на зрно грашок) и следете го детето за да бидете сигурни дека пастата не се голта.
Како да го направите процесот интересен?
- Вклучете го детето во изборот на опрема: Оставете го детето да избере своја четка за заби и паста со омилен лик од цртан филм или боја. Ова ќе го направи четкањето заби повеќе како забавен ритуал, отколку како досадна обврска.
- Мијте ги забите заедно како семејство: Времето за миење заби може да биде момент на заедничко дружење. Кога целото семејство ги мие забите заедно, детето ќе го види тоа како дел од нормалната рутина.
- Користете тајмер или музика: Поставете тајмер на две минути или пуштете кратка песничка додека детето ги четка забите. Ова ќе им помогне на децата да го одржат потребното време за четкање и ќе ја направи активноста покорисна и забавна.
- Награди и признанија: Размислете за воведување на мал систем на награди, како налепници или дополнително време за игра, кога детето редовно ги четка забите или кога го прави тоа правилно. Ова ќе ги мотивира да ја развијат оваа важна навика и да ја одржат во иднина.
Правилна техника на четкање
За учење на правилната техника на четкање заби треба време да се совлада, на почетокот бидете позитивни на секоја иницијатива вашето малечко само да ги четка забите со дополнителна помош од ваша страна. Кога му покажувате на вашето малечко како се четкаат забите секогаш покажувајте дека четкањето е под агол од 45 степени, и нежни кружни движења (за горната вилица од горе надолу, а за долната од доле нагоре). Забите имаат три страни (предна, задна и џвакална) затоа секогаш потенцирајте дека сите три страни треба да се четкаат. Доста е важно движењата да бидат нежни се со цел да не се оштети непцето, но бидејќи во овој период дечињата немаат многу чувство дали стискаат многу или не, пожелно е да се купуваат четки со меки влакна се со цел да се избегне ваква иритација.
Трпението како клучна алатка во овој период
Имајте на ум дека секој ден не е ист и не секогаш ќе имате позитивен feedback од вашите малечки. Најважно од се е да сте трпеливи и да им дадете простор сами да четкаат и да се учат да четкаат, а потоа да ви дозволат да ги прегледате запчињата и да ги исчеткате уште еднаш.
Воспоставувањето на здрава рутина за миење на забите уште од најрана возраст ќе им помогне на децата да ги избегнат стоматолошките проблеми и да ги зачуваат своите заби здрави и силни во текот на целиот живот.
Сите совети, идеи, информации на овој профил се базирани на лични искуства на родители и на внимателно избрана стручна литература и научни трудови. Сите совети и информации се наменети само за општо информативни цели и не треба да се сметаат како замена за стручен медицински совет или консултации. Администраторите на овој профил не преземаат одговорност за било какви последици или одлуки превземени според информациите на овој профил.



