Штрк

Магијата на масажата на новороденчиња и бебиња

Масажата на вашето бебе е терапевтска практика која нуди повеќекратни придобивки. Тоа е спој на уметност и наука, на традиција и модерно разбирање, сите споени за да го поддржат растот и благосостојбата на најскапоцените суштества на земјата – нашите бебиња. Масирањето на вашето бебе нуди физиолошки, развојни и емоционални предности, а освен тоа со нежен допир, трпение и љубов вие родителите ја зајакнувате меѓусебната врската.

 

Има доста физилошки придобивки при масажа на вашето бебе, како што се:

Помош во дигестијата: Нежна масажа на стомачето на вашето малечко може да помогне во процесот на варење и да помогне во ублажување на гасовите и грчевите. Кружните движења во обратен правец на часовникот може да ги стимулираат движењата на дебелото црево, а со тоа помогнат во олеснување на болките. 

Циркулација: Оваа масажа го стимулира циркулаторниот систем, го подобрува протокот на крвта во телото на вашето бебе. Ова обезбедува ефикасен транспорт на кислород и хранливи материи до клетките.

Хормонална регулација: Доста студии сугерираат дека масажа на вашето новороденче може да помогне во намалувањето на нивото на хормонот на стрес – кортизолот и може да го зголеми производството на серотонин и допамин – хормоните поврзани со среќата.

Зајакнување на имунитетот: Редовните масажи може да ја подобрат функцијата на имунолошкиот систем на вашето бебето, подготвувајќи ги подобро да се спротивстават на вируси и настинки.

 

Освен физиолошки постојат и доста развојни придобивки меѓу кои:

Моторни вештини: Бебињата стануваат свесни за своето тело преку допирот, при што редовните масажи и вежби укажуваат подобрени моторни вештини и координација.

Развој на мозокот: Стимулацијата од масажите може да го поддржи нервниот развој и поврзување, отворајќи го патот за подобра когнитивна и сензорна обработка.

Подобро спиење: Бебињата кои редовно се масираат често имаат убав сон што е од клучно значење за нивниот раст и развој.

 

Најважните од сите придобивки се емоционалните: 

Приврзаност: Масажата поттикнува длабоко чувство на поврзаност помеѓу вас и вашето бебе. Оваа на некој начин терапија ја зајакнува приврзаноста, која игра значајна улога во емоционалниот и социјалниот развој на бебето.

Смирувачки ефект: Ритмичките потези на масажата можат да бидат неизмерно смирувачки за  вашите малечки. Ова не само што им помага да ги намалат плачките и раздразнетоста, туку им нуди и чувство на сигурност.

Комуникација: Пред да можат бебињата да зборуваат, тие комуницираат со вас преку допир. Со редовната масажа, родителите можат подобро да ги разберат нивните потреби, непријатности и расположенија.

 

За многу родители идејата за масажа на нивното новороденче може да биде застрашувачка. Сепак, со неколку лесни инструкции може да стане најзабавниот дел од денот. Изберете топло и тивко место каде би го легнале вашето малечко. Може да користите креми и масла за масажа, но не се задолжителни. Масирањето можете да го започнете со нежни движења од стапалцата па нагоре или пак од главата па надолу. Внимавајте доколку вашето бебе покаже знаци на вознемиреност, прекинете и пробајте некој друг ден. На почетокот овие масажи траат неколку минути, но откако ќе научите да препознавате што му одговара на вашето малечко времетрањето на масажите може да се зголеми. Најважно од се е да бидете опуштени и со позитивна мисла, бидејќи се што чувствуваме ние го чувствуваат и тие. 

 

Сите совети, идеи, информации на овој профил се базирани на лични искуства на родители и на внимателно избрана стручна литература и научни трудови. Сите совети и информации се наменети само за општо информативни цели и не треба да се сметаат како замена за стручен медицински совет или консултации. Администраторите на овој профил не преземаат одговорност за било  какви последици или одлуки превземени според информациите на овој профил. 

 

Сподели

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on pinterest
Pinterest
Share on linkedin
LinkedIn