Штрк

Првото бањање!

Без разлика колку туторијали и да сте гледале, сте посетувале курс за припрема за доаѓање на вашето бебе, ви објаснила медицинската или патонажната сестра, тука се вашите мајка и свекрва, првото бањање на вашето бебе е доста голем момент за вас. Различни емоции од среќа и исплашеност го преовладуваат вашето тело. Како ќе се снајдете да го избањате тоа мало човече? Дали тоа ќе биде успешно? Ќе има ли плачки? Сите овие чувства се сосема нормални за кои е потребно само време за да успеете да влезете во некој ритам каде што после и ќе ви биде смешно како сте се плашеле од оваа ситуација. Верувајте дури и родителите на второ дете сеуште го имаат овој страв 🙂

Важни работи при првото бањање на вашето бебе:

Кога станува збор за избор на кадичка , секој родител има своја преференца. Изборот на кадички е огромен од мали до големи, со сталажа без сталажа, со наслон или без. 

Подолу текстот го зема во предвид првото бањање од кога ќе падне папочето. Пред да падне, не се препорачува мокрење на стомачето и можете нежно со наводенето меко сунѓерче или тетра пелена да го поминете бебето по телцето и главчето се додека не падне папочето.

Една од најбитните работи е температурата на водата која треба да ја проверите пред да го почнете бањањето. Таа не треба да биде повисока од 37 степени и кадата не треба да биде преполнета (повеќето кадички имаат и обележување до каде треба да биде полна, но доколку нема околу 5 сантиметри се доволни). 

Пред да започне ритуалот на бањање најубаво е да подготвите се што ви е потребно пред да го намокрите вашето бебе. Тука треба да имате спремно: купка, бањарка, крема за пеленска регија ,млеко за тело, пелени, стапчиња за уши и чиста облека. На самиот почеток вашето бебе е толку нежно што купката за бањање можете да ја разводенувате во водата од кадичка. Процесот на бањање се одвива со нежни движења. Мала чашка може да ви биде практична за намокрување и плакнење на бебето(некои доаѓаат и заедно со кадичките). 

По бањањето на вашето бебе, го замотувате во бањарка и со лесни тапкања го сушите нивното тело. Убаво проверувате дали е тоа сегде исушено (обрнете посебно внимание под брадата, препоните, под пазуви и секаде каде што има “свифки” ) и продолжувате со мачкање на млеко за тело, крема за пеленска регија, се мести пелената, се облекуваат чистите алишта и се чистат ушињата. Со ова го завршувате ритуалот на бањање и продолжувате со вашата рутина пред заспивање. 

 

Исто многу важна работа е вашето бебе да биде најадено пред бањањето, но сепак да е пројдено некое време (да не дојде до повраќање), бидејќи доколку тоа е гладно може да биде нервозно и плачливо. 

 

Сите совети, идеи, информации на овој профил се базирани на лични искуства на родители и на внимателно избрана стручна литература и научни трудови. Сите совети и информации се наменети само за општо информативни цели и не треба да се сметаат како замена за стручен медицински совет или консултации. Администраторите на овој профил не преземаат одговорност за било  какви последици или одлуки превземени според информациите на овој профил. 

Сподели

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on pinterest
Pinterest
Share on linkedin
LinkedIn