Штрк

Што се инфантилни колики познати како грчеви?

Инфантилните колики или грчеви најчесто можете да ги препознаете кога одеднаш навидум мирно бебе почнува да плаче повеќе од неколку часа на ден, виткајќи ги нозете кон стомак и/или правејќи нагли движења со нозете надолу (како шут). Се појавуваат околу втората или третата недела по раѓањето на вашето бебе, го доспеваат нивниот пик околу шестата недела, а исчезнуваат околу третиот месец. Често пати, оваа состојба има навидум предвидлива шема, плачењето се случува во попладневните часови или навечер. 

 

Точните причини за појава на грчевите сè уште се нејасни, но како вклучени фактори кои придонесуваат за појава на истите може да бидат:

Незрелост на дигестивниот систем: Дигестивниот систем на бебето сè уште се развива по раѓањето. Големата вознемиреност проследена со плачење може да бидат резултат на непријатност поради оваа незрелост, што веројатно предизвикува гасови или неправилни движења на дебелото црево.

Хормонални промени: новороденчињата се подложени на брза промена на хормоналните нивоа по раѓањето, што може да влијае на нивното расположение и да доведе до вознемиреност и плачење.

Неправилни техники при доењето/ АД: голтање преголема количина на воздух ги дистендира цревата притоа правејќи гасеви. 

Исхраната на мајката: кај мајките на многу новороденчиња кои се на ексклузивно доење во првите неколку месеци се препорачува внимавање на исхрана, односно исхрана која не би била тешка за незрелите стомачиња и би предизвикала дополнителни гасеви (секако, нема доволно истражувања кои може да ја потврдат конекцијата меѓу исхраната на мајката и инфантилните колики). 

Раздалеченост помеѓу подои: во првите месеци, многу нови родители мислат дека секој плач е бидејќи нивното малечко е гладно. Кога вашето малечко е вознемирено и силно плаче неговиот инстикт е да бара цице или шише, кое најчесто е потребата за утеха, но не и глад. Воспоставувањето на ред при подоите може да помогне да се избегнат грчевите. 

Изложеност на никотин: Некои студии ја поврзуваат појавата на инфантилните колики доколку нивната мајка е пушач. 

 

Сите родители кои се соочиле со овој предизвик знаат колку е стресен и тажен. Многу од родителите во овие моменти се наоѓаат немоќни бидејќи не секое решение помага. Постојат неколку начини со кои може да се справите со инфантилните колики:

 

Во медицината постојат капки и чаеви кои се наменети за смирување на инфантилните колики. Типот и видот на капките кои би се користеле се секогаш во консултација со вашиот педијатар.  

Долги гушкања со мама и тато. Во првите месеци вашето малечко ја бара вашата топлина, таа допридонесува тие да се смират и на момент да престане вознемиреноста и плачењето.  

Нежно лулкање, нишкање или возење во количка или автомобил може да го смират вашето малечко. 

Белите шумови, звуци како што се брмчење на вентилатор, правосмукалка па дури и фен може да го сталожат вашето бебе.

Промени во исхраната на мајката (исхрана во која би се намалиле потенцијалните надразнувачи) и/или промена на адаптираното млеко.  

Топли облоги.  Затоплете тетра пелена и поставете ја на сомачето на вашето малечко, или пак загрејте термофор. 

Постојат различни масажи кои се прават во вакви состојби кои вклучуваат кружни движења на мешето на вашето малечко со цел да се ослободат вишокот гасеви, како и вежби со нозете кои би ја спречиле непријатноста. 

Цицањето на цуцли лажливки може да биде смирувачко за многу доенчиња. 

Родителите на бебиња со грчеви често се соочуваат со зголемен стрес и исцрпеност. Од суштинско значење е тие да прават паузи, да споделуваат одговорности и да бараат поддршка од пријателите, семејството или професионалците. Запомнете, во ред е да се оддалечите неколку минути од вашето бебе се со цел и вие да можете да се сталожите. Тие ја чуствуваат вашата растревоженост и истата може да влијае врз нив. 

Сите совети, идеи, информации на овој профил се базирани на лични искуства на родители и на внимателно избрана стручна литература и научни трудови. Сите совети и информации се наменети само за општо информативни цели и не треба да се сметаат како замена за стручен медицински совет или консултации. Администраторите на овој профил не преземаат одговорност за било  какви последици или одлуки превземени според информациите на овој профил.

Сподели

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on pinterest
Pinterest
Share on linkedin
LinkedIn