Штрк

Прилагодување на ден и ноќ!

Нешто што скоро секои нови родители го поминуваат со своето малечко е конфузијата помеѓу денот и ноќта. Многу од новороденчињата не ги разликуваат деновите од ноќите, што ги остава будни преку целата ноќ во првите неколку ноќи (или недели) по раѓањето и може да биде вистински предизвик за веќе уморните нови родители.

Откако ќе се прилагоди на деноноќниот ритам вашето бебе ќе ве “почасти” со попредвидливи будни часови и часови за спиење.

Попладневното спиење го делиме во два периоди: период на “дремка” и период на “прозорци на будност”.

 

  •  Што претставува дневната/ноќната конфузија? 

Тоа е нерамнотежа во деноноќниот ритам на вашето бебе, што во основа значи дека неговиот биолошки часовник сè уште не е правилно поставен. Ова е причината зошто вашето бебе може мирно да спие во текот на денот, а потоа да се буди многу пати навечер.

 

  • Како изгледа дневната/ноќната конфузија?

Вашето новороденче ќе има супер “дремки”  во текот на денот – можеби од три до четири часа – ќе се разбуди за храна (цицање/АД), ќе биде минимално време будно и потоа ќе продолжи да спие. Затоа во текот на ноќта, тоа може да биде будно, да спие еден до два часа и да бара храна (цицање/АД)многу почесто. Ова е сосема нормална појава затоа не се обесхрабрувајте, нема засекогаш да седите будни навечер.

 

Додека на вашето бебе му е потребно време да се прилагоди на овој ритам, постојат некои користни работи што можете да ги направите за да му помогнете да ја поправи оваа конфузија. И додека вашето бебе можеби нема да почне да  ја преспива ноќта за уште неколку месеци, овие совети можат да му помогнат да има помалку будења во текот на истата.

 

Многу интеракција во текот на денот

Кога вашето бебе е будно во текот на денот, поминувајте многу време во интеракција со него за да почне да се учи дека денот е кога работите се случуваат, а ноќта е за спиење. Разговарајте со него, играјте, шетајте надвор, поминувајте го денот во светла просторија, правете ги вашите подои/АД во светла просторија. Кога е време за дневна дремка заспивајте се во просторија која има светлина и не е целосно темна. Тоа ќе му помогне да почне да ги разликува дневните дремки со ноќното спиење.

 

Направете го почетокот на денот возбудлив

Кога вашето малечко ќе се разбуди и ќе биде спремно да го почне денот, направете голема фама околу тоа. Пејте утринска песничка, пресоблечете го од пижами во други алишта, отворете ги ролетните да влезе дневна светлина. Со тоа вашето бебе  ќе ја воочи разликата помеѓу денот (колку е тој голем и возбудлив) и ноќта (колку е таа смирена и тивка).

 

Не го преморувајте вашето бебе

Многу родители кои се всушност и прв пат родители знаат да ја направат оваа грешка, а тоа е да го преморат и престимулираат своето бебе. На бебињата им е потребен многу сон, особено во првите 6 до 8 недели. Затоа е многу важно да се следат прозорците на будност и во првиот момент кога вашето бебе ќе почне да ги покажува знаците на умор, тоа да се заспие. Убави дневни дремки, значат и убаво ноќно спиење. 

 

Имајте рутина пред спиење

Константна рутина пред спиење, може да му помогне на вашето малечко побрзо и полесно да се смири од секојдневните активности и да се спреми за ноќното спиење. За некои родители оваа рутина значи, капење на вашето бебе, спремање за во кревет, читање приказни или пеење песни,  последен подој\ шише пред спиење.

 

Правете ги вечерните подои/ АД во темна соба

Сосема нормално е вашето бебе да се буди и да се храни неколку пати во текот на ноќта во првите месеци, а и понатаму. Трикот е да го нахраните и да го вратите да продолжи да спие. За да го направите ова, избегнувајте да вклучувате силни светла за време на ноќните подои/АД. Наш совет е да користите нежно светло кое ќе даде потребна светлина за да може да функционирате во собата без да се чукнете, а да не го расоните вашето бебе. Доколку треба да се промени пелената во текот на ноќта пожелно е таа да се смени пред самото доење/АД бидејќи со самото доење/АД тоа ќе може да презаспие, а доколку е после може да дојде до расонување.

 

Сонот на новороденчињата може да биде доста тежок период додека да се фати некој ред. Затоа пратењето на прозорците на будност и константната рутина играат голем удел за сите да можат да поспијат и одморат!

 

Сите совети, идеи, информации на овој профил се базирани на лични искуства на родители и на внимателно избрана стручна литература и научни трудови. Сите совети и информации се наменети само за општо информативни цели и не треба да се сметаат како замена за стручен медицински совет или консултации. Администраторите на овој профил не преземаат одговорност за било  какви последици или одлуки превземени според информациите на овој профил. 

Сподели

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on pinterest
Pinterest
Share on linkedin
LinkedIn