Што се случува со нашето тело после пороѓајот?


Во текот на бременоста сме преплавени со информации – читаме, истражуваме, слушаме совети (потребни и непотребни), одиме на курсеви за породување и доење. Се подготвуваме, мислиме дека знаеме што нè чека. Но, дури кога ќе дојде моментот, сфаќаме дека никој не може целосно да нè подготви за она што следува – физички, емоционално, ментално.

Тие 40 дена после породувањето не се само бројка. Тие се период на закрепнување, прилагодување, но и преиспитување. Нашето тело се обидува да се врати – но не таму каде што било, туку во една нова нормала.

Секое породување е различно, секое тело закрепнува различно.

Без разлика дали породувањето било вагинално или со царски рез, секоја жена поминува низ свој сопствен процес на закрепнување. Нема „потежок“ или „полесен“ породување – секој начин носи свои предизвици, болки и време за адаптација. Некои жени ќе се чувствуваат подобро побрзо, додека на други ќе им треба повеќе време. И двете сценарија се нормални. Не треба да се споредуваме со другите, туку да го почитуваме својот ритам и сопственото тело.

Освен емотивниот ролеркостер низ кој поминуваме, нашето тело се соочува и со вистински болки. Овие промени се дел од закрепнувањето, а некои од нив може да бидат неочекувано интензивни.

Грчеви на матката

По породувањето, матката почнува да се собира за да се врати на својата првобитна големина. Овој процес е придружен со контракции, кои можат да бидат болни, особено за мајките кои веќе родиле повеќе пати. Овие грчеви најчесто се засилуваат за време на доењето, бидејќи хормонот окситоцин, кој се лачи при доење, ја стимулира матката да се стегa.

Прекумерно потење

Хормоналните промени кои се случуваат во телото по породувањето можат да предизвикаат прекумерно ноќно потење. Ова е начин на кој телото се ослободува од вишокот течности собрани за време на бременоста. Иако е непријатно, ова е нормална појава и може да трае неколку недели.

Промена на телесниот мирис

Многу жени забележуваат дека нивниот телесен мирис се менува по породувањето. Ова е последица на хормоналните промени и зголеменото потење. Некои мајки чувствуваат поинтензивен мирис на своето тело, а причината за тоа е нејзиното малечко полесно да ја најде (намириса) и да се почувствува сигурно во нејзина близина.

Крварење (лохии)

После породувањето, телото се чисти од остатоците од плацентата и наталожените материи од бременоста. Овој процес, познат како лохии, може да трае од неколку недели до шест недели(40 дена). Крварењето е најинтензивно во првите неколку дена, а потоа постепено се намалува и менува боја – од светло црвено до кафеаво, па жолтеникаво-бело.

Температура при надоаѓање на млекото

Во првите денови после породувањето, многу жени чувствуваат зголемување на телесната температура кога млекото почнува да надоаѓа. Ова може да биде придружено со отечени, тврди и болни гради, што е познато како нагрнување на млекото (енгоргемент). Овој период е привремен и обично се регулира во првите недели, како полека се воспоставува лактацијата.

Опаѓање на косата

Една од најголемите промени што многу мајки не ја очекуваат е наглото опаѓање на косата. За време на бременоста, благодарение на високото ниво на естроген, косата изгледа погуста, посјајна и поцврста. Но, по породувањето, како што хормоните се враќаат во нормала, косата што требало природно да опадне во изминатите месеци, сега опаѓа одеднаш. Ова може да трае неколку месеци, но е привремена фаза – новата коса почнува да расте откако хормоналниот баланс ќе се стабилизира.

Чувство на изгубеност и тага

Не е невообичаено во овие денови да се чувствуваме изгубено, исцрпено, па дури и тажно. Ова не значи дека не сме благодарни за тоа што го доживуваме, туку дека нашето тело и ум се соочуваат со огромни промени. Хормоните „паѓаат“, спиењето е минимално, а очекувањата се големи. Во тие моменти, сме најкревки и токму тогаш ни е потребна поддршка, а не критика.

Сите коментари за тоа дали имаме „доволно млеко“, како некој друг „поминал многу полесно“ или „јас вака, јас онака“, не се од помош. Наместо тоа, она што навистина ни треба е некој да нè разбере, да ни даде простор да се прилагодиме и сами да го најдеме својот ритам.

Поддршка и прифаќање на новата реалност

Важно е да се запамети дека не постои универзален начин за враќање во нормала – затоа што ова е нашата нова нормала. Нам ни треба време да научиме како да функционираме како нова фамилија, а најблиските треба да бидат со нас, не за да советуваат, туку за да поддржат.

Во целиот тој хаос, треба да се грижиме за едно мало суштество чие единствено средство за комуникација е плачот. Да го смириме, нахраниме, утешиме, и тоа додека самите сè уште не сме целосно заздравени. Спиењето станува луксуз, јадењето е во брзање, а чувството на преоптовареност често нè тера да се запрашаме дали сме доволно добри.

Но, вистината е – ние сме доволни. Нашето тело прави неверојатна работа. Создало живот, го донело на свет и сега се прилагодува на новата реалност. Таа нова нормала не значи дека сме помалку убави, помалку силни или помалку вредни. Напротив – во оваа нова верзија, сме помоќни од кога било.

Сите совети, идеи, информации на овој профил се базирани на лични искуства на родители и на внимателно избрана стручна литература и научни трудови. Сите совети и информации се наменети само за општо информативни цели и не треба да се сметаат како замена за стручен медицински совет или консултации. Администраторите на овој профил не преземаат одговорност за било  какви последици или одлуки превземени според информациите на овој профил.

Сподели

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on pinterest
Pinterest
Share on linkedin
LinkedIn