Штрк

Што е плагиоцефалија позната како рамно главче?

Плагиоцефалија позната како рамно главче, е состојба кај новороденчињата и малите деца каде дел од черепот е сплескан. Ова најчесто се случува на задниот дел од главата, но може да се појави и на страните.

Причини за плагиоцефалија

1. Позиционирана плагиоцефалија – најчеста форма на плагиоцефалија  која е резултат на притисокот што го трпи главата на бебето кога постојано лежи на една страна. Оваа форма на плагиоцефалија може да се јави поради:

   – Спиење во иста позиција.

   – Подолго седење во транспортер или количка, релаксатор..

   – Недостаток на време на меше (tummy time) во текот на будните периоди.

2. Конгенитална плагиоцефалија – оваа форма е присутна при раѓање и може да биде резултат на:

   – Позицијата на бебето во матката.

   – Притисокот што го трпи черепот при породувањето.

Кога најчесто се појавува плагиоцефалијата?

Плагиоцефалијата обично се забележува во првите неколку месеци од животот на бебето, кога черепот е сè уште мек и лесно подложен на деформации. Најчесто се јавува помеѓу првите 4-12 недели по раѓањето.

Како се превенира плагиоцефалија?

1. Tummy Time (време на поминато на меше): Важно е да го поставувате бебето на меше неколку пати во текот на денот додека е будно. Ова ќе му помогне да ја зајакне мускулатурата на вратот и да го намали притисокот на задниот дел од главата. Доколку вашето малечко не го сака класичното седење на меше, можете да испробате различни варијанти како што е лежење на меше кај мама или тато на гради, раце или во скут.

2. Промена на позицијата при спиење : Честото менување на положбата на бебето кога спие може да помогне во намалувањето на ризикот од појава на плагиоцефалија. Поставувајте го бебето на грб за спиење, но менувајте ја страната на која е свртено неговото лице.

3. Носење во рацете: Честото носење на бебето во рацете, особено кога е будно, може да помогне да се намали времето што го поминува лежејќи на грб, со што се намалува ризикот од плагиоцефалија.

4. Лимитирајте долго седење: Ограничете го времето што бебето го поминува во транспортер, количка или релаксатор каде што главата е фиксирана во една положба. 

5. Менување на положбата при доење или давање АД: При доење или давање АД, менувајте ја страната на која го држите бебето. Ова ќе помогне да се осигура дека бебето не е постојано изложено на притисок на истата страна од главата.

6. Менување на положбата на вашето бебе додека седи или лежи: Честото менување на положбата на бебето кога седи или лежи може да спречи појава на плагиоцефалија. Најлесен начин за тоа да го направите е кога разговарате или пак си играте со нив, секогаш менувајте ги страните на која зборувате се со цел да се менува и положбата на главата.

7. Физиотерапија: Доколку забележите знаци на плагиоцефалија, консултирајте се со вашиот педијатар кој може да препорача физиотерапија за корекција на положбата на главата.

Третман на плагиоцефалија

Во повеќето случаи, плагиоцефалијата може да се коригира со промена на положбата на главата и физиотерапија. Во некои случаи, може да биде потребна употреба на специјални шлемови кои помагаат во формирањето на черепот.

Доколку се забележат знаци на плагиоцефалија, консултацијата со  вашиот педијатар е неопходна за да се обезбеди соодветен третман и превенција.

Сите совети, идеи, информации на овој профил се базирани на лични искуства на родители и на внимателно избрана стручна литература и научни трудови. Сите совети и информации се наменети само за општо информативни цели и не треба да се сметаат како замена за стручен медицински совет или консултации. Администраторите на овој профил не преземаат одговорност за било  какви последици или одлуки превземени според информациите на овој профил. 

Сподели

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on pinterest
Pinterest
Share on linkedin
LinkedIn